МОН и ОБСЕ доделија грантови за заеднички наставни и воннаставни активности на ученици со различно етничко потекло
Грантовите ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал кои испратија заедничка порака дека само со унапредување на односите помеѓу младите, поттикнување на нивната меѓусебна почит и разбирање, може долгорочно да се обезбеди мирот во општеството, кој е значаен фактор за севкупниот негов просперитет.

Четиринаесет училишта добија грантови за спроведување на заеднички наставни и воннаставни активности на ученици од различно етничко потекло, кои следат настава на различни наставни јазици. Целта на активностите е јакнење на соработката и довербата помеѓу младите, а финансиските средства за нивна реализација се обезбедени преку проектот „Градиме нови мостови“ кој беше најавен на почетокот на годинава од страна на Министерството за образование и наука и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Грантовите ги доделија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал кои испратија заедничка порака дека само со унапредување на односите помеѓу младите, поттикнување на нивната меѓусебна почит и разбирање, може долгорочно да се обезбеди мирот во општеството, кој е значаен фактор за севкупниот негов просперитет.
„Училиштата се всушност местата каде младите се развиваат како личности, созреваат учејќи за хуманоста, моралот и етиката и ги разбиваат митовите за повеќе стереотипи кои, некако со години се провлекуваа во општеството и се пренесуваа на нови генерации, а дел од нив, за жал, сè уште и во денешно време се предизвикувачки. Но работиме на искоренувањето и оваа активност е токму во таа насока, да ги стимулира училиштата да ги зближуваат учениците кои говорат на различни јазици, припаѓаат на различни етнички или верски заедници“, изјави министерот Шаќири.
„Со ова го означуваме почетокот на новиот заеднички потфат кој ќе се спроведува во текот на неколку години, и кој ќе донесе значајни и позитивни промени во јавните образовни институции и општините на национално ниво, работејќи здружено за спроведување на заедничките наставни часови“, рече шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.
Проектот „Градење нови мостови“ (ГНМ) се надоврзува на Фондот за градење мостови кој воведе модел за интегрирано образование во Северна Македонија за поддршка на училиштата, општините и граѓанските организации за обединување на децата од различно потекло и јазици преку заеднички воннаставни активности. Овој нов проект понатаму има за цел градење инклузивни општества кои го негуваат и се гордеат со културниот плурализам и ја почитуваат толеранцијата, дијалогот и соработката, во клима на меѓусебна доверба и разбирање како најдобри гаранции на социјалниот мир и безбедноста. Градиме нови мостови е проект поддржан од Кралството Норвешка, Република Полска и Големото Војводство Луксембург.
Предвидениот период на имплементација на одобрените проектни активности е јуни 2023 - мај 2024 година, со можност за добивање финансиска поддршка до 7.000 евра по апликација. Вкупниот буџет наменет за имплементација на овој проект е речиси 500 илјади евра, соопштуваат од МОН.
