Министерот за здравство Меџити даде отчет за сработеното во првите сто дена од преземањето на функцијата
Министерот за здравство даде отчет за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата. Меџити се пофали со сработеното – покачени плати, правилник за ажурирање на позитивната листа, реновирани болници. Тој откри дека денеска испил кафе со разрешениот директор на Кардиохирургија д-р Сашко Јовев. Се договориле да остане на Клиниката и да се посвети на пациентите...

Од човек кому му замери за дежурствата и му забележа за неправилности, до добар другар. Министерот за здравство Фатмир Меџити се пофали оти утринското кафе го испил со кардиохирургот Сашко Јовев без да сподели детали од средбата за која соопшти со доза на задоволство. Му дал поддршка да продолжи да биде доктор, ама не и директор на Клиниката. Иако го омекна цврстиот став од пред неколку дена, сепак, рече дека министер никогаш не преиспитувал донесена одлука.
Меџити рече оти на средбата со Јовев воопшто не разговарале за можноста Јовев да ја прифати неговата понуда да му биде советник и повтори оти ќе се залага со ребалансот да се зголеми буџетот за програмата за трансплантација, за да биде уште поуспешна.
На прес-конференцијата за сработеното од првите сто дена откако станал министер, со неколку минутно видео, а потоа и од говорница, Меџити се пофали оти ги зголемил платите на здравствените работници, реконструирал одделенија во болници, дека го решава проблемот со паркингот на Клинички и се работи на ажурирање на позитивната листа на лекови.
Катерина Топалова
