Политика

Партиски тактизирања по лидерската средба

08.06.2023 14:56

По лидерската, партиски тактизирања за идните чекори. СДСМ препознава нови околности и поместување во ставовите на опозицијата за уставните измени-партијата за утре свика седници на Централниот и Извршниот одбор. Мицкоски бара избори за широка влада без ДУИ и важност на уставните измени кога ќе станеме членка на ЕУ…

По лидерската средба, партиски тактизирања. СДСМ закажа седници на Централниот и на Извршниот одбор, бидејќи партијата препознала промена во позицијата на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Социјалдемократите сметаат дека нивните политички опоненти повеќе не се против уставните измени кои би важеле одложено, од денот на одржувањето на втората меѓувладината конференција, а придвижување во процесот гледаат и откако ДУИ прифати да не биде дел од Владата. Социјалдемократите прифаќаат одржување на предвремени избори што ќе ги спроведе заедничката влада со ВМРО-ДПМНЕ.

„Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти да се реализира таа цел. Потребно е национално единство да го заокружиме овој процес, да обезбедиме европска иднина за сегашните и идните генерации“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека понудиле победничка опција за Македонија со зачуван идентитет и без ДУИ во заедничка влада на широко национално единство. За да се реализира планот, опозициската партија смета дека се потребни избори оти актуелната Влада не може да обезбеди мнозинство за уставните промени во Собранието. Разликите остануваат кога треба да важат уставните измени, според Мицкоски, тоа треба да се случи кога ќе станеме земја-членка на ЕУ.

„Кога станува збор за уставните амандмани, ние рековме дека не е проблем, но да имаат одложено дејство. Тоа значи дека околностите нема да се променат, амандманите нема да бидат дел од новиот Устав, сè до моментот додека Македонија не стане земја-членка на ЕУ. На тој начин ние го заштитуваме нашиот индентитет и кажуваме дека нема да има дополнителни отстапки, што ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека власта е подготвена за работни групи со опозицијата за имплементација на идејата за уставните измени.

Ирина Гелевска