Напад со нож во Анеси, повредени деца
Шок во Франција. Маж со нож нападна неколку деца во парк во гратчето Анеси на југоистокот. Дел од нив се во критична состојба. Полицијата успеала да го застрела напаѓачот во нозете и да го уапси. Станува збор за Сириец кој барал статус на азилант. Утврдено дека немал терористички мотиви...

Ужас во југоисточна Франција. Вооружен маж со нож избоде шест лица, меѓу кои и четири деца од предучилишна возраст, покрај езеро, во градот Анеси на француските Алпи. Дел од повредените се во критична состојба и се странски државјани кои летувале во градот. Осомничениот маж во раните 30 години, по потекло од Сирија е уапсен, немал полициско досие, а лани во ноември поднел барање за азил. Според локалниот обвинител, немал терористички мотив.
„Четири деца на возраст меѓу 22 месеци и 3 години претрпеле рани опасни по живот. Двајца возрасни исто така се повредени. Мотивите на напаѓачот остануваат непознати, но се чини дека не се поврзани со тероризам. Го имаме оружјето. Ќе откриеме кои биле неговите мотиви“, изјави Лин Бонет – Метис, јавен обвинител.
Францускиот министер за внатрешни работи објави дека напаѓачот е лишан од слобода благодарение на брзата реакција на безбедносните сили. Францускиот претседател Макрон го опиша инцидентот како „чин на кукавичлук“.
„Мали деца беа дивјачки нападнати од поединец во парк. Шокирани сме од овој грозоморен, чин. Она што го знаеме е дека станува збор за човек кој не потекнува од Европа и има поднесено барање за азил. Истрагата ќе го разјасни текот и профилот на овој напаѓач“, изјави Елизабет Борн, премиерка на Франција.
По веста за нападот, едноминутно молчење во францускиот парламент.
„Има многу мали деца во критична состојба. Ве повикувам на едноминутно молчење за нив, за нивните семејства. Се надеваме, последиците од овој напад нема да ја доведат нацијата во жалост“, изјави Јаел Браун-Пиве, претседателка на француското Национално собрание.
Анеси е живописен град во француските Алпи, блиску до границата со Швајцарија, популарен кај туристите и дом на еден од најдобрите светски фестивали за анимација.
Маријана Димовска
