Балканско НЕВРЕМЕ!

15.05.2014 17:49

Црвен аларм на Балканот – полуостровот се дави од поројните дождови.

Надојдената вода ги однесе првите жртви во Србија. Еден човек се удавил во поплавениот Белград, а во Топола спасувач го однела водата кога му се откачила сајлата. Има еден удавен цо Нови Сад и двајца во Лајковац.

„Донесов одлука за прогласување на вонредна состојба на целата територија на Србија. Тоа значи целосен ангажман на сите капацитети, државни органи, на јавните и на сите други претпријатија. За жал, временската прогноза не е добра и стравувам дека ситуацијата вечерва ќе биде полоша од синоќа“, изјави Александар Вучиќ, премиер на Србија

Наредена е итна евакуација во повеќе места во Србија. 100 илјади домаќинства се без струја поради поплавени трансформатори, патиштата се непроодни, запрен е и железничкиот сообраќај. Повеќе градови се отсечени, движењето е можно само во чамец. Во Босна и Херцеговина најкритично е во сараевскиот и тузланскиот кантон. Надојдената Босна однесе мост близу до Зеница, а мајка со бебе во Маглај од покривот бара помош од хеликоптерите. Расте нивото на Сава, Уна, Сана и Тиња.

„Состојбата е алармантна во неколку општини во Сараево. Нашите единици се на терен и работат на отстранување на евентуалната штета“, изјави Фахрудин Солак, директор на Цивилната заштита на Босна

Во Хрватска црвениот аларм го огласи ураганскиот ветар. Во Далмација достигна 150 километри на час, поради што е забранет сообраќајот на северните делници од Јадранската магистрала. Во Словенија е прогласен црвен аларм на северозападот и портокалов во другите делови. Во Бугарија под вода е Плевен, а ураганскиот ветар носеше покриви во селото Чепинци близу до Софија. Во хаос е и Романија – пет уништени мостови, десетици илјади поплавени куќи, однесени автомобили и турнати дрвја. Метеоролозите предупредуваат дека дождовен циклон со 110 километри на час и се приближува на Унгарија. На повисоките планини на Балканот, пак, падна снег.