Делчево

Силно невреме во Делчево, оштетени улици и поплавени домови

08.06.2023 21:29

Делчево попладнево погодено од силно невреме. Поплавени домови, автомобили, улици. Екипите за санирање на штетите се веќе на терен. Градоначалникот Горан Трајковски за МТВ вели дека во овој момент е тешко да се процени колкава е настанатата штета, но општинските комисии веќе од утре ќе прават записници. Трајковски ќе побара и помош од Владата за справување со последиците од катастрофата што го зафати градот...

Семејни куќи, земјоделски насади, улици под вода. Силното невреме што го зафати Делчево го парализираше градот и остави без струја голем дел од градот. Според првичните информации на центарот за управување со кризи во двочасовниот пороен дожд и град настрадале 60-тина објекти во населбите Пролет и улицата Индустриска, а поплавени се и повеќе автомобили. Градоначалникот Трајковски потврдува дека екипи на терен се справуваат со штетите од невремето.

Трајковски информира дека општинските комисии час поскоро на терен ќе ги сумираат штетите од невремето, а општината ќе побара и помош од централната власт за да им се помогне на луѓето кои претрпеле најголеми загуби.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска