„Произведено во Македонија“ – автобусите на Ван Хoл го освојуваат светот

15.05.2014 18:35

Белгиски квалитет со ознаката „произведено во Македонија“ за американскиот пазар. Автобуси на Ван Хoл - испорачани до најпрофитабилните компании во САД. Компанијата која во Бунарџик го проширува производството, наскоро ќе го освојува и европскиот пазар.

Дизни, Фејсбук, Гугл – ова се само дел од водечките американски компании кои ги користат автобусите на Ван Хoл, со ознаката „произведено во Македонија“.

Белгиската компанија  досега пласираше над 100 автобуси на американскиот пазар. Ова, според македонските власти, ќе донесе дополнителен бенефит за земјава.

„Имаме брендирање на производи од Република Македонија кои стануваат препознатливи на меѓународните пазари. Ова, освен што има значајна економска функција, придонесува и за популаризација и промоција на самата земја, на Република Македонија“ – изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на Р. Македонија

За неполна година откако почна да работи во земјава, компанијата ги прошири капацитетите. Воведе нова производствена линија која бројот на вработени ќе го искачи на 600 и која ќе донесе засилена соработка со домашните фирми.

„Потпишавме поддоговори со повеќе македонски компании. Производите што ќе ги прават овде ќе се користат на белгискиот пазар“ – изјави Филип Ван Хoл, сопственик и извршен директор на компанијата

„Имаме тим што знае да произведе најквалитетен и најсофистициран производ. Со ова, индустријата за производство на автобуси која порано беше многу актуелна, денес на голема врата се враќа во Македонија„ – изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија

Ван Хoл досега инвестираше 25 милиони евра во земјава. Само во првиот квартал од годинава, пред сè, како резултат на испорачаните автобуси од оваа компанија, има раст од речиси 100 проценти кај извозот на машини и транспортни уреди.

Мартин Пушевски