Дали СДСМ има двојни стандарди за легитимноста на изборите?

15.05.2014 18:39

Физички пресметки, бркање меѓународни набљудувачи, заплашување со оружје, фалсификување, полнење гласачки кутии – ова се само дел од нерегуларностите што ги посочува мисијата на ОБСЕ за изборниот циклус од 2004-та.

Тоа беа изборите на кои за шеф на државата беше избран Бранко Црвенковски, по што неговата партија изборите ги оцени како фер и демократски.

Постојат извештаи за вооружени лица во регионот околу Скопје,  а беа пријавени и физички пресметки на три избирачки места. Меѓународните набљудувачи беа спречени да набљудуваат на неколку избирачки места. Постоеја инциденти на гласање за други лица на 26 гласачки места, а биле увидени и силни индикации на полнење на гласачки кутии на 11 гласачки места . Во 6% од набљудуваните гласачки места, гласачите ниту се потпишувале ниту оставиле отисок во Гласачкиот список, пишува во Извештајот на ОБСЕ за изборите во 2004 година.

Групно гласање во 20% од албанските средини. Непријавување на гласачки ливчиња и додавање потписи во списокот за да се корегира проблемот – и ова е нотирано во истиот извештај.

Процесот беше сериозно нарушен со преполнување на кутии,  гласање за други лица и заплашување. Бројни случаи на преполнување на гласачки кутии беа  пријавени во регионите покриени од Општинските изборни комисии во Дебар, Гостивар, Кичево, Гази Баба, Струга, Куманово, Центар, Чаир, Кисела Вода, Струга и Тетово. Во некои избирачки места гласачите активно биле обесхрабрувани да гласаат. Во други пак,  заплашувањето било насочено против членовите на Избирачките одбори,  домашните набљудувачи и претставниците на кандидатите, потенцираа од ОБСЕ.

На 7% од избирачките места набљудувачите напишале дека биле спречени да ја извршуваат работата и  утврдиле намерно фалсификување на резултатите. Дали опозициската СДСМ има двојни аршини за толкувањето на тоа што е јасно изразена волја на граѓаните? Десет години подоцна истиот меѓународен набљудувач ја пофали Македонија дека напреднала во демократскиот процес, а последните избори ги оцени како мирни, професионални и со мали технички пропусти и ја повика опозицијата да не го бојкотира Собранието. И покрај ова, опозициската коалиција не ги прифати изборните резултати.

Анита Димитријевска