Анкета: Граѓаните со ниска доверба во Собранието и пратениците
Истражувањето ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието...

Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија, кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби. На скала од 1 – најниска, до 10 – највисока, граѓаните довербата во Собранието ја оценија со 3.4 што е пад од 0.6 во споредба со 2022-та година.
Истражувањето ги анализира перцепциите на граѓаните за работата на Собранието генерално, почнувајќи од довербата во Собранието во споредба со другите власти, надзорната улога на Собранието, кого претставуваат пратениците, функциите на Собранието, информираноста за работата на законодавниот дом, како и други реформски процеси клучни за унапредување на работата на Собранието.
Ова истражување вклучува теренска анкета спроведена во периодот од 22 февруари до 09 март 2023 и девет фокус групи, кои беа спроведени во април 2023-та година.
Настанот го отворија Роберт Скот Хислет, виш постојан директор на НДИ и тим лидер на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) и Марко Трошановски, Претседател на Институт за демократија (ИДСЦС).
„Граѓаните во Северна Македонија се загрижени што пратениците ефективно не одговараат на потребите на граѓаните и сметаат дека пратениците ги застапуваат нивните лични интереси (80%), интересите на политичката партија (75%) и бизнис интересите (64%).“, рече Хислет.
На скалата од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, граѓаните за работата на Собранието во 2022 година дадоа средна оценка од 2,2 што претставува пад на скалата споредено со изминатите четири години.
Перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога, односно 27% од испитаниците сметаат дека Владата има целосна контрола над Собранието. Дополнително, речиси половина (46%) од испитаниците сметаат дека Собранието ја зголемува корупцијата, наместо да ја намалува. Високи 70% од испитаниците сметаат дека повеќето од пратениците не се подготвени да носат одлуки во име на граѓаните.
Донесувањето на што поквалитетни закони, надгледувањето над трошењето на буџетот и грижата за имплементирањето на законите и политиките, се посочени како најважни функции на Собранието. Сепак, извршувањето на овие функции од страна на Собранието е оценето како незадоволително од страна на мнозинството граѓани. Сметаат дека повеќето закони се гласаат со забрзана постапка, без вистинска дебата во Собранието. Законите иако можеби се добри, тие не се имплементираат
Во поглед на отвореноста на Собранието кон јавноста, најголем дел од испитаниците сметаат дека Собранието е целосно или делумно затворено за јавноста, а пратениците не ги земаат предвид забелешките на јавноста при изработката на законите.
Доминантен дел од испитаниците сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат нивните лични интереси, интересите на политичките партии, како и бизнис-интересите. Голем дел од анкетираните граѓани, сметаат и дека пратениците до некоја мерка се зависни од волјата на лидерите на политичките партии од кои доаѓаат. Доминира бројот граѓани кои сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока во однос на оние што го сметаат спротивното.
Оваа публикација е подготвена од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) која е финансирана од Владата на Швајцарија, а ја спроведува Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центар за управување со промени (ЦУП).
