Делчево ги санира последиците од вчерашното невреме
Вчерашното невреме во Делчево предизвика големи штети. До утринава се испумпуваше вода од домовите и се расчистуваа наносите. Денес Советот на Општина Делчево одржа вонредна седница на која прогласи елементарна непогода. Оштетените граѓани може да се јавуваат на телефонскиот број 193 и да пријавуваат штети во Општината. Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани и водоснабдувањето е нормализирано...

Екипи на ЈП „Брегалница“ и делчевските пожарникари работат на санирање на штетите од вчерашното невреме што го зафати Делчево. Се расчистуваат наносите од земја на коловозите, се исцрпува водата се прави и увид на оштетената инфраструктура како и план за нивна санација.
Од вчерашното невреме поплавени се десетици домови, институции и фабрики, а оштетени се и неколку сообраќајници. Најголеми штети има во населбите „Пролет“ и „Басарица“, на ул. „Царевоселска“, бул. „Македонија“ ул. „Маршал Тито“. И минатата година во јуни Делчево страдаше од силно невреме кога освен поплави имаше и откорнати дрвја и кровови.
Славица Величковска
