Почнува 57-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

09.06.2023 12:08

Со свеченост на платото пред Домот на културата „Марко Цепенков“, со врачување на наградите за животно дело и со првата претстава во официјалната конкуренција, ќе биде отворен фестивалот.

Од вечерва па сѐ до 16-ти јуни во Прилеп ќе се одржи 57-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.
 
Со свеченост на платото пред Домот на културата „Марко Цепенков“, со врачување на наградите за животно дело и со првата претстава во официјалната конкуренција, ќе биде отворен фестивалот.
 
На отворањето ќе се обратат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, и уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска.
 
Во официјалната програма на фестивалот се 10 претстави на македонските професионални театри и пет од независната продукција.
 
Фестивалот годинава се одржува под мотото „Враќање дома“. Носители на наградите за животно дело се актерите Петар Мирчевски и Петар Темелковски, а официјалната програма ќе започне со претставата „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски во изведба на театарот„Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес.
 
Во рамките на Фестивалот, од 19 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретка и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокусот, Коле Чашуле.
 
Годинава за првпат фестивалот има меѓународно жири во состав: Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“, и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора.
 
Фестивалот ќе биде затворен на 16-ти јуни со свечено доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Александар Поповски.