ЈО

Поднесен обвинителен акт против 11 диви копачи на културно наследство

09.06.2023 13:20

По истражна постапка што се спроведуваше од 13 декември минатата година, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против 11 лица...

По истражна постапка што се спроведуваше од 13 декември минатата година, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против 11 лица. Според опишаните дејствија во диспозитивот на Обвинителниот акт, сите обвинети го сториле кривичното дело Злосторничко здружување, а првообвинетиот С.Џ. (47) сторил и кривични дела Прикривање, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Петмина обвинети З.А.(39), М.С.(42), Г.К.(45), И.С.(48), и М.Џ.(37), освен за кривичното дело Злосторничко здружување, се товарат и за сторено кривично дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости. М.А.(32) и Д.Р.(36) се обвинети и за кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Покрај кривичните дела Злосторничко здружување и Прикривање, на обвинетиот Т.А.(58) му се става на товар и кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, додека на Н.М.(48) кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Најмладиот Р.З.(28) според Обвинителниот акт, освен кривичното дело Злосторничко здружување е сторител и на кривичните дела Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

Отуѓените добра се предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Р.С. Македонија, со исклучителна вредност. Со нивно трајно отуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата.