Украина во контраофанзива, Бајден и Сунак со поддршка за Киев
Украинската служба за безбедност соопшти дека пресретнала телефонски повик со кој се докажува дека руска „диверзантска група“ ги разнела хидроцентралата и браната „Каховка“ во јужна Украина. Нападот на браната предизвика поплави, принудувајќи илјадници жители да се евакуираат. Во меѓувреме, западот тврди дека на фронтот е почната украинската контраофанзива...

„Руска диверзантска група ги разнела хидроцентралата и браната Каховка во јужна Украина“, тврди Киев повикувајќи се на телефонски повик кој, според украинската служба за безбедност, го докажувал ова сценарио. Москва јавува за извештаи во кои е наведено дека ударот бил извршен со дрон, а противникот го обвини за напад врз цивилната инфраструктура. Поради поплавите, илјадници жители на Херсонската област мораа да се евакуираат.
„Руските терористи се обидуваат дополнително да ја влошат ситуацијата која ја создадоа со нивниот екоцид. Продолжуваат да ги бомбардираат Херсон и регионалните заедници кои беа поплавени од терористите. Бомбардираат и евакуациски точки што покажува злоба каква што нема ниеден друг терорист во светот освен Русинот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Варварското бомбардирање не запре. Знаете дека луѓе кои страдаа во поплавите загинаа од бомби, вклучувајќи и трудна жена. Не треба да заборавиме дека ненадејната катастрофална поплава беше предизвикана од саботажа од украинската страна“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Американскиот претседател Бајден вели дека Западот направи сè за да ја подготви Украина. По средбата со британскиот премиер Сунак, ја повторија посветеноста да му помогнат на Киев да ја одбие тековната руска инвазија.
„Верувам дека ги имаме финансиите неопходни за поддршка на Украина додека биде потребно. И верувам дека ќе им помагаме иако во Капитол Хил се разговара околу тоа дали и до кога треба да го правиме тоа. Ги прашувам луѓето да замислат што ќе се случи доколку не ја поддржиме Украина“, рече американскиот претседател, Џо Бајден.
„За прв пат во половина век се соочуваме со војна на европскиот континент. Како што реков и претходно, САД и Обединетото Кралство се обединија за да и дадат поддршка на Украина и на вредностите на демократијата и слободата“, изјави премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак.
Осуда за уривањето на објектот и од ЕУ и Северноатлантскиот сојуз.
„Браната не беше бомбардирана, таа беше уништена со експлозиви инсталирани во коморите каде што се поставени турбините. Овој дел е под руска контрола, делот каде што се случија експлозиите. Јас не бев таму за да видам кој го стори тоа, но се укажува на тоа дека не може да е некој друг ако е под руска контрола“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
На фронтот продолжуваат борбите. Жестоки борби во Запорожје и во Доњецк. Во Русија повредени три лица откако дрон паднал врз станбена зграда во Воронеж. Гранатите паѓале и во Белгород.
Маја С. Филдишев
