ИО и ЦО на СДСМ ќе разговараат за продолжување на дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ
Централниот и извршниот одбор на СДСМ одржуваат седници. Тема – начинот и формата за продолжување на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија прашуваат-зошто Ковачевски свикува состаноци, кога на лидерската средба ги одбил сите предлози на Мицкоски. Бараат оставка од Ковачевски…

Се поместуваат коцките на политичката сцена. СДСМ свика седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата за формата и начинот на продолжување на дијалогот со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова следува по лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски во Клубот на пратениците, по којашто се нафрлија неколку решенија и предлози за уставните измени и за рекомпонирање на составот на Владата до следните избори.
„Сега не е време за политичко ривалство и нервоза, тука за разговори што ќе ѝ донесат европска иднина на државата“, велат социјалдемократите, кои дадоа и понуда до ВМРО-ДПМНЕ за нова средба на којашто заеднички би донеле позитивна одлука за земјата.
За ВМРО-ДПМНЕ е нејасно зошто Ковачевски свикува состаноци за предлозите кои веќе ги одбил на лидерската. Опозициската партија бара премиерот да поднесе оставка од функцијата поради кризата во којашто ја втурнал земјава. Според ВМРО-ДПМНЕ, потребни се избори наесен за намалување на тензиите во општеството, преодна влада во којашто ДУИ нема да учествува. Ставот на партијата за уставните измени е да важат до членството во ЕУ, а не како предуслов за втората меѓувладина конференција.
На лидерската средба и Ковачевски и Мицкоски изнесоа предлози. Премиерот му понуди на политичкиот противник да биде дел од власта со отстапување пет ресори. Ракавица фрли и ДУИ, кои прифатија да не бидат дел од власта, ако опозицијата ги поддржи уставните измени, кои би стапиле во сила пред формирањето на широката влада. Мицкоски, пак, побара гаранции од ЕУ уставните измени да важат од денот на ратификацијата на пристапниот протокол во парламентите на земјите членки на ЕУ.
Викторија Милевска
