Рударска Голгота во Турција
Последниот здив го потрошиле во единствената заштитна комора во рудникот во Сома – ја опишува турски Хуријет трагедијата на 14 рудари кои мислеле дека се спасиле.

Еден по друг, штедејќи дишеле од маските со кислород, но ни тоа не ги спасило. Изгубена е целата надеж за преживеани – од зори не е извлечен ниеден жив рудар, а во окното уште гори. Претседателот Ѓул во Сома повика на солидарност на целата нација.
„Мора да ги преиспитаме нормите до ниво на развиените земји за да го намалиме ризикот од вакви трагедии. Ќе сториме се што треба да не ни се случи пак нешто слично“,Абдула Ѓул, претседател на Турција
За жителите, ова ветување доаѓа предоцна. Во Измир, 20 илјади луѓе предводени од синдикалците се судрија со полицијата, која ги разби со водни топови и солзавец. Најголемиот синдикат, КЕСК, повика на масовен штрајк и ја обвини власта за масакр предизвикан со, како што велат, приватизацијата и политиката што загрозува животи. Во текот на ноќта судири и нереди имаше во Анкара, Истанбул и Сома.
Во медиумите се појави и видео снимка на која се гледа како советник на премиерот Ердоган клоца демонстрант, што дополнителни ги разгневи луѓето и ги разгоре протестите.
Во најголемата рударска несреќа во Турција во поново време загинаа 282 рудари, а уште 100 се водат како исчезнати. Од јамата успеале да се спасат речиси 450. Се претпоставува дека експлозијата ја предизвикал расипан трансформатор. Во Сома, спасувачите ја продолжуваат потрагата по телата додека градот завиен во црно ги погребува своите сакани.
