Прилеп

Прилеп: Отворен е 57-от МТФ „Војдан Чернодрински“

10.06.2023 11:00

Со доделување на наградите за животно дело и со првата претстава во официјалната конкуренција во Прилеп е отворен 57 македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински. До 16-ти јуни најпрестижниот театарски фестивал во земјава ќе понуди богата програма и ќе го претстави театарскиот миг кај нас …

Со мотото „Враќање дома“, пред платото на домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп, македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ го почна 57-то издание и најави богата фестивалска програма и целонеделна театарска уметност.

Десет претстави се во официјалната конкуренција. Првата, на велешкиот театар „Нема струја за електричниот столб“ го отвори Фестивалот, пет се претстави во независната продукција, ќе има промоции, разговори на тркалезната маса, театарски зони низ градот, претстави за деца, меѓународна конференција за театарската уметност. За лауреатите на наградата за животно дело, актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски симбиозата на театарот и Фестивалот е постојана, а актерството е уметност која се негува со посветеност.

Фестивалската тема „Авторот во фокусот“ годинава е за драмскиот писател Коле Чашуле и ја пренесува пораката дека треба да се негува домашното драмско творештво.

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ се одржува до 16-ти јуни.

 

Елизабета Митреска