Колумбија

Четири деца од авионската несреќа во Колумбија најдени живи

10.06.2023 14:02

Радост и неверување во Колумбија .Во џунглата пронајдени четири деца кои го преживеале падот на авион што се урна пред 40 дена.Успеале да се спасат во силните бури,од животни и вооружени групи во еден од најсуровите делови на земјата...

Четири домородни деца беа спасени живи од колумбискиот Амазон, 40 дена откако авионот со кој патуваа се урна во џунглата. Преживеале силни бури во еден од најсуровите делови на земјата, со грабливи животни и вооружени групи.

„Првата вест е дека навистина, домородните заедници кои учествуваа во потрагата, заедно со колумбиската војска, ги пронајдоа четирите деца по 40 дена. Тие беа сами. Тоа ќе стане историја“, изјави Густаво Петро, претседател на Колумбија.

Децата биле пренесени на воениот аеродром во Богота и префрлени во воена болница. Несреќата се случила во раните утрински часови на 1-ви мај, кога авион „Цесна“ со шест патници и пилот јавил за дефект на моторот. Кусо потоа авионот се изгубил од радарот по што почнала потрагата по преживеани.

Две недели по несреќата бил пронајден авионот и телата на тројцата возрасни во авионот.

„Здравствената состојба ќе ја пријават лекарите, не сум експерт, можам само да кажам дека се живи. Тие се денес тука во Богота. Ја добиваат најдобрата грижа што ја добиваат дури и оние кои ги даваат своите животи за да ја спасат татковината: војската на нашата земја, нашите полицајци. Тие ќе бидат згрижени во нашата голема воена болница“, изјави Генерал Педро Санчез, командант на специјални операции.

„И благодариме на целата земја, им благодариме на домородните Сиона и Арарачура, како и на нашите вооружени сили. Ја споделуваме радоста на денешницата, за пронаоѓањето на малолетниците, кои природно беа пронајдени во состојбата што се очекува да поминат 40 дена во џунглата“, изјави Иван Веласке од Министерството за одбрана на Колумбија.

Децата ги пронашло куче трагач. Во потрагата помогнаа и десетици доброволци од домородните племиња.

 

Марина Ристова