Двојно зголемен бројот на напади од кучиња во Куманово
За два дена во Куманово дури четири лица пријавиле напад од куче скитник. Според статистиката двојно е зголемен бројот на напади во споредба со лани. Општината одвојува средства за третман и заловување, но сè уште нема решение на проблемот. Неодамна во близина на училиште, агресивно куче нападна неколку ученици и возрасни лица …

Речиси двојно е зголемен бројот на лица каснати од бездомни кучиња во Куманово. Според статистиката на кумановската полиција од почетокот на годината досега се регистрирани 34 пријави. За истиот период лани биле евидентирани 13 пријави. Додека вкупно лани 40 лица пријавиле напад од куче скитник.
„За пријавите се доставени известувања до Општина Куманово, за преземање на понатамошни мерки. Статистиката покажува раст на пријавите за граѓани кои биле каснати од куче скитник. Надлежноста за решавање на овој проблем е на Локалната самоуправа односно општина Куманово“, вели Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
За само два дена четири лица пријавиле дека биле нападнати од куче скитник. Граѓаните изминативе години бараат да се реши проблемот. Неодамна агресивно куче нападна неколку ученици и возрасни лица.
По нападот во близина на училиштето Секторот за инспекциски надзор при општината најави зачестени контроли на виталните објекти. Ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ е задолжен за третман на кучињата. Општината за оваа намена одвои над еден милион денари. Но по третманот тие повторно се враќаат на местото каде што се заловени. Од општината неколкупати информираа дека жители на помалите градови оставаат кучиња во Куманово. Целта е да се изгради и регионален центар за згрижување на кучиња. Општината заедно со операторот и здруженија на граѓани организира и акции за вдомување.
Елена Георгиевска
