Обновена дрвената конструкција на Античкиот театар
Во Охрид, Античкиот театар е меѓу најзначајните обележја на овој наш културен центар.По реконструкцијата пред дваесет години тој беше ставен во функција, меѓутоа забот на времето скоро целосно ја имаше уништено дрвената конструкција која служеше за полесна пристапност и подобра функционалност на театарот. Сега е целосно обновена …

Со обновувањето на дрвената конструкција на Античкиот театар е вратена стабилноста и безбедноста на овој атрактивен културно историски споменик. После над две децении од обновата на театарот овој зафат беше неминовен, бидејќи вертикалните столбови веќе беа трули и не можеа повеќе да ги издржат хоризонталните носачи. Ако се знае дека овој објект е место каде што преку летото се одржуваат бројни настани на кои присуствуваат повеќе илјади гледачи реконструкцијата е извршена во вистински момент.
„Доколку не се извршеше оваа реконструкција опасноста беше голема и за посетителите, и за луѓето и за децата коишто гравитираат во овој простор. Локалното население си го користи како скратен пат, децата за во школо исто така како скратен пат. Мислам со оваа промена сега тоа е безбедно“, изјави Катерина Велкоска, директор на „Завод и Музеј“ Охрид.
Покрај платформата кај гледалиштето охридскиот „Завод и Музеј“ со сопствени средства ги обнови заштитната ограда и пристапните скали кои водат кон бината.
„Во преостанатиов краток период се надевам дека ќе имаме време да ја завршиме и бината на којашто настапуваат врвни уметници“, додаде Велкоска.
Да потсетиме дека Античкиот театар датира од крајот на 3 и почетокот на 2 век пред нашата ера, а по големиот проект за археолошко истражување беше извршена негова реконструкција и оттогаш на тој простор се одржуваат најзначајните културни настани.
Сашо Нелоски