Евроинтеграции

Војната на европско тло е аларм за будење на Унијата, велат шпански аналитичари

10.06.2023 16:59

Војната на европско тло е аларм за будење на Унијата – велат аналитичарите и претставници на шпанскиот „Тин тенк“ невладин сектор. Проширувањето со балканските земји според нив е приоритет...

Војната на европско тло е аларм за будење на Унијата, оти никој таму не очекуваше дека на континентот повторно ќе се случи надмудрување со барут. Тројца аналитичари и претставници на шпански тинк тенк организации кои неделава престојуваа во Скопје заради зближување на двете општества се со ваков став. За нив, проширувањето на Унијата сега е прв приоритет а Балканските земји се први во редот. Барањата од Бугарија ги оценуваат како фрустрирачки, вознемирувачки, неевропски и опасни. Велат – кога влегувате во Европската унија не го правите тоа за да бидете проблематична членка, туку за да помогнете за единство на континентот.

„Не треба да се обидувате да ги решавате билатералните прашања во рамките на ЕУ бидејќи, во суштина, она што го правите е киднапирање на процесот на проширување на Европската унија, што влијае некако врз остатокот на Унијата во однос на безбедноста, како што видовме од заканата од Русија. Се надевам дека Бугарија ќе биде флексибилна. На лично и емоционално ниво, не како претставник на Шпанија, жал ми е што македонските граѓани мора повторно да одат низ процесот на уставни реформи, кој за мене е понижувачки“, изјави Мигел Родригез Андреј, основач на платформата Балканисмос.

Ова е сигнал за ургентност за Унијата, а тоа е позитивно за земјите од Балканот, она што е несфатливо е стравот од нови членки, вели аналитичарот Игнасио Молина.

„Стравот од нови земји-членки можеби не е фер. Наеднаш сите земји-кандидатки станаа сомнителни и сега морате да докажете дека сте перфектно чисти и дека имате капацитет да правите прогрес во сите поглавја“, изјави Игнасио Молина, шпански аналитичар.

Америка плаќа за војна, Европа плаќа за мир. Вака ја објаснуваат политичката одлука и Украина и Молдавија да се стават на листата за земји-кандидатки.

„Не би требало тоа да ве загрижува. Мислам дека вие сте секако во предност. Украина и Молдавија нема да направат скок преку земјите-кандидатки од западен Балкан. Ова е нешто што ЕУ мора да го направи од политички причини. Сите знаеме дека Украина нема да стане членка наскоро, додека земјите од Западен Балкан, сигурен сум, особено вие, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора ќе станат полноправни членки многу пред Украина и Молдавија“, изјави Чарлс Пауер, извршен директор на институтот „Ројал Елкано“.

Тројцата познавачи на политиките на ЕУ се убедени оти Македонија мора во најбрзо време да стане полноправна членка на Унијата.

 

Катерина Топалова