Политика

Ковачевски: Работните групи се вистинскиот формат за договарање на сите детали меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

10.06.2023 17:40

Работните групи се вистинскиот формат за договарање на сите детали меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, изјави премиерот Ковачевски. Вели не би било добро Мицкоски да се повлече од веќе преземените обврски за прифаќање на уставните измени. Од опозициската партија бараат социјалдемократите да кажат кој од двата предлози на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема преговори...

Премиерот Ковачевски вели не би било добро претседателот на ВМРО – ДПМНЕ да се повлече од веќе преземените обврски за прифаќање на уставните измени. Според него ова е процес што треба да се одвива во работната група што ја формираше СДСМ за да се изнајдат модалитети, рокови и начини на спроведување. Премиерот е дециден треба да се отвори Уставот, да се формира владата на национално единство која треба да го заврши усвојувањето на амандманите за внесување Бугарите во Уставот и да почне отворањето на поглавјата за пристапните преговори за членство во ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за работните групи коишто СДСМ ги формира да имаат смисла, партијата мора да каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ за нив е прифатлив, во спротивно нема потреба од понатамошни преговори и губење на време“. Според Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, за нив уставни измени какви што ги нуди СДСМ „под бугарски диктат“ не се прифатливи.

Централниот одбор на СДСМ формираше работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за како што велат операционализација на следните конкретни чекори. ОД ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека бесполезно е да се формираат работни групи зашто премиерот сè уште не се изјаснил дали ги прифаќа предлозите за условите под кои би се гласале промените во највисокиот правен акт.

 

Игор Панов