Влада

Ковачевски: Со „Винската визија на Отворен Балкан“ овозможуваме натамошен раст на винскиот сектор

10.06.2023 18:43

Премиерот Димитар Ковачевски во присуство на претставници на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, земјите членки на Отворен Балкан, денеска во Скопје, се обрати на промоцијата на најголемиот регионален саем за вино и успешна винска приказна „Винската визија на Отворен Балкан“...

Земјите од Отворен Балкан денеска заедно го промовираа најголемиот регионален саем за вино „Винската визија на Отворен Балкан“. Премиерот Димитар Ковачевски во присуство на претставници на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, земјите членки на Отворен Балкан, денеска во Скопје, се обрати на промоцијата на најголемиот регионален саем за вино и успешна винска приказна „Винската визија на Отворен Балкан“.

Минатата година, во рамките на Отворен Балкан виното беше промовирано како најзначаен производ на регионот, што беше потврдено на првиот вински саем „Винската визија на Отворен Балкан“, кој го имаше своето прво издание минатата година во Белград и предизвика огромно медиумско внимание. Во насока на јакнење на потенцијалот на овој заеднички вински саем, во периодот до неговото второ издание оваа есен, земјите членки организираат промоции на саемот низ регионот.

Премиерот Ковачевски истакна дека, земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно, и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем, „Винска визија на Отворен Балкан“ којшто прераснува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.
Топло добредојде на делегациите од Србија и Албанија им посака и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

На настанот свои обраќања имаат и министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Јелена Танасковиќ, како и заменик-министер за земјоделство на Албанија, Ариан Јауплари, кои дадоа силна поддршка на промоцијата на „Винската визија на Отворен Балкан“.

На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори на трите земји, претставници на институции, бизнис заедницата и социо-економските партнери на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.