Куманово: Недостигаат пожарникари, но нема ниту средства
Недостигаат 33 пожарникари во Куманово, но нема ниту средства за нивно плаќање, вели градоначалникот на Куманово. Тој информира дека државата одвојува минимални средства за оваа намена. Преку ЗЕЛС бараат исплата, во спротивно вели можен е протест. Единиците се соочуваат и со недостаток на возила, но и друга неопходна опрема …

Во Територијалната противпожарна единица во Куманово недостасуваат дури 33 пожарникари помалку од законски предвиденото. Но покрај помалиот број, проблем вели првиот човек на градот Димитриевски е што во државата нема ниту средства за нивно плаќање. Појаснува иако државата е должна да обезбеди целосни средства, тие предвидуваат само 50 отсто од вкупниот износ на ниво на земјава. За останатите средства општините сами се снаоѓаат.
„Ние за оваа година имаме некаде на располагање неполни 17 милиони денари за плати коишто ни се трансферираат од страна на државниот буџет, додека од сопствен буџет имаме обезбедено некаде до 38 милиони денари за плати“, истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Тој посочи дека општините преку ЗЕЛС бараат од Владата во најкус рок да ги исплати средствата. Во спротивно ќе побараат од единиците да излезат на протест. Противпожарните единици вели се соочуваат и со стари возила, но сепак пожарникарите одговараат на предизвиците.
„Иако имаме испратено во неколку наврати и до дирекцијата и до Владата барање дека имаме потреба од обезбедување на возило со специјална скала, сепак добивме само едно возило со цистерна и пумпа со висок притисок, која не ни е најнеопходна во моментот“, нагласи Димитриевски.
Општината неодамна инвестираше во набавка на нова опрема за пожарникарите, бидејќи претходните беа набавени уште во 2000-та година. Единицата од Куманово по потреба интервенира и во соседните општини од североистокот.
Елена Георгиевска
