Туризам

Плажите на Преспанското Езеро сè уште не се уредени

11.06.2023 09:42

На стартот на летната туристичка сезона некогаш современите угостителски објекти на плажите на Преспанското Езеро денес зјаат празни и руинирани. Угостителите велат на Преспа и недостигаат уредени плажи, кои ќе привлекуваат туристи. Најбројни на преспанското крајбрежје последните години се домашните гости и Холаѓаните ...

Се распаѓаат угостителските објекти, изградени во 2016 година на плажите на Преспанското Езеро. На стартот на летната туристичка сезона некогаш современите објекти денес зјаат празни и руинирани.

Жителите велат пред десеттина години во туристичките села на брегот на Преспа имало над 5.000 туристи само за викенд, а причина биле убаво уредените плажи.

„Имавме два и пол километри уредена и чиста плажа. Од тие 2,5 км во Стење денес нема ни 100 метри уредена плажа. Нити Општината не презела досега никакви активности, една година ние самите селани презедовме активности со свои средства сами направивме дел од овие плажи“, вели Славчо Георгиевски, жител на Стење.

И покрај тоа што плажите сè уште не се средени, угостителите очекуваат плодна туристичка сезона. Најбројни на преспанското крајбрежје последните години се домашните туристи и Холанѓаните.

„Очекуваме во новата сезона голем број на туристи наши од нашата држава. Странските гости најмногу доаѓаат во Стење поради нашиот единствен остров на Преспанското езеро, Голем град“, вели Кристијан Стојановски, угостител од Стење.

Преспа во 2016 година имаше шест модерно уредени песочни плажи во Претор, Сливница, Крани, Долно Дупени, Отешево и Стење.

 

Соња Рилковска