Балканот се бори со поплавите!
Ситуацијата со поплавите на Балканот не се подобри во текот на ноќта. Метеоролозите велат – драматично ќе биде до викендов...

Во Србија останува во сила вонредната ситуација на територијата на целата земја. Во текот на ноќта свлечиште однесе 11 куќи во Бајина Башта. Во Обреновац, спасувачите се во трка со времето – напукнатата брана ќе се штити со насипи на три локации. Во градот исчезна едно постаро лице.
„Свесен сум за тешката ситуација во сите региони во Србија. Му кажав на градоначалникот на Коцељево да престане да се жали. Сме ја обновиле земјата и во потешки ситуации“, изјави Александар Вучиќ, премиер на Србија.
Вчера надојдената вода однесе пет животи во Србија. До сега се евакуирани над 6 илјади луѓе, а уште многу останаа заглавени на покривите од нивните куќи.
„Долниот кат од куќата е целосно уништен. Имав малку добиток, но го однесе“, вели еден жител.
Војската ангажираше пет хеликоптери, моторни возила, чамци, пумпи и авто-цистерни. Полицијата побара граѓаните да и ги отстапат гумените чамци за евакуација. Во Босна и Херцеговина, Шамац во опасност од две реки – Босна ги поплави улиците, а Сава се заканува да ги пробие одбранбените насипи. Во Вогошче се урнаа осум куќи, има тројца повредени. Хрватски хеликоптери во евакуираат населението во Маглај.
Во Загреб, во текот на ноќта ураганското невреме креваше покриви, но силата му се намалува - црвениот аларм е сменет во жолт, Јадранската магистрала е отворена за патнички возила, но патот Загреб-Босилево е затворен поради паднати дрвја. Во Србија се очекува пристигнувањето на првата група руски спасувачи, а помош испрати и Словенија.
Ивана Салтировска
