Прилеп

Прилеп: Ќе се гради водоводот до манастирот Трескавец

11.06.2023 14:40

Светски познатиот манастир Трескавец, обновен по пожарот од пред десет години конечно треба да добие водовод. Најавен е почетокот на работите и треба да биде изграден за 4 месеци. Ќе остане да се бараат пари за мини пречистителна станица. Без овие зафати не може конаците да бидат ставени во употреба …

Конечно ќе почне изградбата на водоводот до манастирот Трескавец. Со години најавувано, а без кое не може обновените конаци да бидат во употреба, конкретните работи се најавени за иднава недела. Водоводот во должина од 330 метри треба да биде готов за четири месеци.

Целата документација е готова уште пред шест месеци, изградбата е обврска на „ТАВ Македонија“. Главнината од средствата, околу 100.000 евра Владата пред неколку години ги обезбеди од ТАВ-програмата, Прилеп кофинансира со уште 3 милиона денари. Но останува втората фаза без која нема техничка дозвола за прием на обновениот манастирски комплекс. Допрва треба да се бараат средства за мини пречистителна станица.

Манастирот Трескавец е светски познато културно наследство. За обновата на опожарените конаци од пред 10 години, државата вложи околу 2 милиона евра.

 

Елизабета Митреска