Крушево годинава ќе биде културна престолнина на Македонија
Крушево со културни настани ќе го пополни вакуумот меѓу сезоните, а со главниот настан „Етно град“ ќе стане центар во летниот период. Сите случувања во рамки на манифестацијата „Град на културата“ ќе придонесат за збогатување на туристичката сезона, за заработка на станоиздавачите и за пополнување на општинскиот буџет...

Во наредните месеци Крушево ќе пулсира 24 часа дневно. Проектот „Крушево град на културата“ ќе се отвори свечено во четврток со концерт на Каролина Гочева, а до крајот на 2014-та планирано е да се случат над 100 други културни манифестации кои ќе придонесат за поголем туристички развој на градот.
„Во јули ќе се случи Свтескиот куп во параглајдерство, кој ќе биде пропратен со Баскер фест, како и забави на познати поп изведувачи и диџеи, исто така ќе има настапи на звучни имиња од поп и фолк естрадата“, вели Елена Илиеска, координатор на проектот.
Концерти, гостувања на сите театри од државава, филмски премиери, хип хоп и рок фестивали, презентација на крушевската софра, се само дел настаните кои ќе ја одбележат оваа година.
„Ќе се потполни оној празен вакум простор помеѓу летната и зисмката сезона, ќе има настани и случувања во текот на целата година кои се надеваме дека ќе бидат мамец и причина Крушево да го посетат голем број на гости“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Кулминацијата на овој проект и најголемиот број на гости се очекуваат во месеците јули и август кога се одржува и „Крушево етно град“ во чиј склоп годинава се предвидени одржување на голем број концерти и други културни манифесатции.
Со ова се очекува да се продолжи туристичката сезона преку целата година.
„Би требало овој проект да донеси екстра профит, екстра работа, и повеќе гости, да добие градот нешто што одамна го заслужуваше“, вели Мики Костоски, угостител.
„Ние угостителите очекуваме подобрување на прометот и подобрување на целокупниот туристички развој на градот“, рече Мики Цветкоски, угостител.
Програмата ќе ги задоволи буквално сите вкусови и за најмладите и за најстарите.
Дарко Штаргоски