Во Охрид намален бројот на туристи
Туристичкиот сектор ја губи трката со конкурентските пазари од регионот кога станува збор за Балканските кружни тури. Бројот на туристите е намален во споредба со минатото што е резултат на лошата патна инфраструктура и намалениот број на агенции кои работат во овој сегмент од туризмот. Поради тоа експертите сметаат дека годинава е невозможно да се остварат подобри резултати од 2019-та година, која се смета за најуспешна за охридскиот туризам …

Дел од експертите за несериозни ги сметаат најавите дека туристичката сезона ќе биде поуспешна од рекордната во 2019-та година. Велат сезоната сè уште не започнала во вистинскиот смисол на зборот при што укажуваат дека е драстично намален бројот на туристите коишто доаѓаат во рамките на Балканските кружни тури. Поради тоа се отвора прашањето дали ја губиме битката во овој сегмент со нашите конкуренти во регионот, бидејќи дури 75 до 80 проценти од кружните тури ги организираат тур-оператори од околните земји, а сообраќајната инфраструктура е во лоша состојба.
„Патиштата се во ужасна состојба и треба навистина час поскоро со засилено темпо да се работи на подобрување на инфраструктурата, бидејќи ќе започнат овие тур-оператори коишто претходно ги споменав да не избегнуваат како дестинација. Ќе најдат варијанта како да им го олеснат патот и патувањето на нивните клиенти“, изјави доц.д-р Климент Наумов од Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
Странците се воодушевени од Охрид, но им пречи што долго се патува до овој наш туристички центар.
„Охрид е прекрасен и дознавме многу за неговата историја и култура. Хигиената во градот е на високо ниво, меѓутоа доаѓајќи од Скопје за Охрид долж патот видовме премногу отпадоци“, вели туристка од Холандија.
„Убаво е што се градат сообраќајници, но разочарувачки е тоа што од Скопје до Охрид треба да се патува повеќе од три и пол часа“, изјави друга холандска туристка.
„Пријатно сме изненадени од прекрасните паркови во градот, така треба да биде уредено и долж сообраќајниците надвор од населените места“, додаде туристка од Холандија.
Нема дилеми дека оваа туристичка сезона ќе биде поуспешна од минатогодишната, меѓутоа Наумов смета дека нивото од 2019-та ќе го достигнеме за неколку години, доколку вредно работиме и го подобриме квалитетот на услугите.
Сашо Нелоски
