политика

Власта и опозицијата и по неколку дена од лидерската сè уште се дообјаснуваат околу процесот на уставните измени

11.06.2023 16:20

Прифаќањето на уставните измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и промената на ставот на Мицкоски нов момент на политичката сцена и нова реторика –вели Ковачевски. Одложена примена или предвремени избори со гаранции од ЕУ – бара ВМРО-ДПМНЕ за да продолжи да преговара. Интегративците викендов го реафирмираа ставот дека ќе ја напуштат Владата, веднаш откако ќе бидат изгласани уставните измени. Идејата за широка коалициона влада ќе доживее колапс, велат од Демократскиот сојуз...

Сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме, НЕ стана ДА, прифаќањето на уставните измени од страна на Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината во Кавадарци. Понудивме рака и на опозицијата за дијалог и шанса и тие да се приклучат, додаде Ковачевски.

Ковачевски да не манипулира со своето членство, и со граѓаните, да се охрабри и да каже кој предлог го прифаќа. Одложено важење на уставните измени кога Македонија ќе стане членка на ЕУ и преодна влада без ДУИ или избори на есен со гаранции од ЕУ институциите за македонскиот многувековен идентитет.

Според Демократскиот сојуз, идејата за широка коалициона влада ќе доживее колапс, поради што владата треба да поднесе оставка и да се одржат предвремени парламентарни избори. Доколку Димитар Ковачевски имаше сериозен пристап, досега требаше да поднесе оставка и да започне постапка за избор на нова влада, велат од ДС.

Претседателството на ДУИ, пак во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за преодна влада без интегративците, викендов одлучи дека ќе ја напушти Владата и ќе даде поддршка за преодна, веднаш откако ќе бидат изгласани уставните измени. Инсистираат веднаш да започне ветинг на сите политички партии и носители на јавни функции.

 

Игор Панов