Италија: Одлука за структурата и дејстувањата на НАТО на следниот самит

16.05.2014 10:57

Италија на престојниот самит на НАТО во септември ќе побара од сојузниците да донесат одлуки за идните дејствувања и структура на Алијансата за да не се случат изненадувања како во случајот со Украина. За време на 6-месечното претседателство на Италија со Европската унија, главни приоритети ќе бида формирање на европските институции со новоизбраните функционери...

На престојниот самит на НАТО во Велс, по последните случувања во Украина и повлекувањето од Авганистан, сојузниците треба да одлучат за иднината на Алијансата во идната деценија, изјави италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини во Вашингтон додавајќи дека земјите членки треба да решат како ќе дејствуваат во иднина.

„Мислам дека ќе биде умно да не ја фрламе во сенка оваа агенда за следниот самит во Велс поради кризата во Украина. Отворено речено мислам дека постои ризик поради Украина да се вратиме на старата агенда на НАТО, при што ќе испуштиме историска шанса за гледање во иднината“, истакна Федерика Могерини, министер за надворешни работи на Италија.

Италија го презема претседателството со Европската унија од 1-ви јули оваа година. Според италијанската министерка за надворешни работи главни приоритети ќе бидат формирањето на европските институции по изборите, подобрување на економската ситуација, справување со илегалните имигранти, вложувања во енергетскиот сектор и забрзување на преговорите со САД за Договорот за слободна трговија. Италија како претседавач со Унијата ќе ги продолжи преговорите со Иран и ќе има поголема улога на Блискиот Исток и во Африка.

Министерката за надворешни работи на Италија најави дека за време на италијанското претседателство со ЕУ, ќе биде воведена третата фаза од санкциите против Русија поради ситуацијата во Украина.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ