Образование

Дали ќе има санкции по скандалот со матурата?

12.06.2023 11:54

Министерството за образование треба да одговори за мерките по скандалот со препишувањето на матурскиот испит по англиски. Од Државниот испитен центар демантираат дека тестот бил пробиен, туку дека бил споделен на Вибер-група откако почнал испитот…

Денеска се очекува Министерството за образование да одговори по скандалот со препишувањето на матурскиот испит во саботата. Од Државниот испитен центар, пак, демантираат дека тестот бил пробиен, туку дека бил споделен на Вибер-група откако почнал испитот.

Појаснуваат дека апелирале до сите матуранти и останатите вклучени во реализацијата да се почитуваат правилата. Од ДИЦ најавија дека ќе постапуваат согласно законските надлежности за сите што ги нарушиле правилата.

Од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ не очекуваат испитите да бидат поништени. Велат дека ако има санкции за учениците, треба да има и за тестаторите кои дозволиле учениците да полагаат со телефон и да препишуваат.

Според информациите, пред крајот на школската година, наставниците се соочувале и со проблем со внесување на оценките во електронскиот дневник.

Групното препишување на државната матура не се случува за првпат, вели доскорешниот претседател на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ. Тој смета дека е потребно да се зголеми ригорозноста и казнувањето за вакви прекршоци, полагањето да се одвива во големи објекти каде што ќе полагаат сите матуранти, без да имаат телефон со нив.