Движењето „Европа сега“ победи на вонредните парламентарни избори во Црна Гора
„Европа сега“ со најмногу гласови на вонредните парламентарни избори во Црна Гора. Од 97 насто обработени податоци, освои 25,6 проценти од гласовите. Коалицијата „Заедно“ доби два и пол проценти помалку гласови. Нема да биде лесно формирање стабилна влада, која би го одмрзнала процесот на интеграција во Европската унија, оценка на аналитичарите...

Движењето „Европа сега“, предводено од Милојко Спајиќ, освои најмногу гласови на вонредните парламентарни избори во Црна Гора, кои беа одбележани со исклучително слаба излезност. Партијата освои 26 насто од гласовите и ќе биде во позиција да формира влада, иако е неизвесно дали ќе успее да создаде коалиција.
„Ова е голема победа за движењето „Европа сега“ и нашата листа. Од статус на вонпарламентарна партија, за неполна година станавме најголемата партија во Црна Гора и покрај сите притисоци, злоупотреба на државните ресурси и сето она што го видовте овој ден. Задоволни сме од резултатот. Сакам да им се заблагодарам на сите што гласаа за движењето „Европа сега“, и сакам да им се заблагодарам на сите што учествуваа на изборите“, изјави Милојко Спасиќ, лидер на „Европа сега“.
Движењето „Европа сега“ доби 24 пратеници. Од партијата најавија дека ќе разговараат со сите со кои делат заеднички вредности, но јасно се изјасни дека нема да коалицира со Демократската партија на социјалистите и Граѓанското движење УРА на Абазовиќ.
„Сега со сигурност можеме да потврдиме дека Демократската партија на социјалистите, по парламентарните избори е најсилниот субјект во Црна Гора“, изјави Данијел Живковиќ, лидер на Демократската партија на социјалистите.
Гласањето, се очекуваше да стави крај на длабоките политички поделби и годините на нестабилност, што ја попречуваа оваа земја-членка на НАТО на нејзиниот пат кон пристапување во Европската унија. Сепак, се чини дека политичката нестабилност ќе продолжи, без јасен победник и со тешки коалициски разговори.
Марина Ристова
