Политика

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и натаму на истите позиции за уставните измени

12.06.2023 14:22

Ковачевски тврди- Мицкоски се согласи на менување на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ пак, чека одговор од СДСМ за нивните два предлога. Во спротивно, велат- единствено логично решение се предвремени избори…

Лидерската помина, власта и опозицијата и натаму со различни толкувања за исходот од средбата. Премиерот Ковачевски, тврди дека Мицкоски ги поддржал уставните измени и го повика да го исполни договореното од клубот на пратениците. Во спротивно, вели ќе ги разочара и граѓаните и меѓународната заедница. СДСМ се подготвени да отстапат пет министерски места за влез на ВМРО-ДПМНЕ во владата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак, чека одговор од Ковачевски, дали ги прифаќа неговите предлози со кои примената на уставните измени би се одложила до влегувањето на земјава во ЕУ, и преодна Влада без учество на интегративците на Ахмети. Доколку не се случи тоа, првиот опозиционер смета дека е бесцелно да се продолжи со разговори или работни групи, а процесот ќе биде заглавен, за што би биле неопходни предвремени избори.

Партиите со иста реторика како и лидерите. СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да назначи претставници и работните групи да почнат со средби за евентуално формирање на широка влада и за гласањето на уставните измени. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат одговор од Ковачевски, дали ги прифаќа нивните предлози што според партијата би ја забрзале интеграцијата и го зачувуваат интегритетот на државата. 

Коалицискиот партнер во Владата, Таравари ја поздрави волјата на опозицијата да гласа за уставните измени, но оценува дека нивните услови се конфузни и надвор од реалноста.

Лидерот на БЕСА, Касами веќе кажа „не“ за влез во таква влада. ДУИ го услови одењето во опозиција само доколку се изгласаат уставните измени и веднаш стапат во сила, додека за Алијанса за Албанците не е важно, дали ќе бидат надвор или во владата, туку е важно процесот на уставни измени да заврши успешно. 

Викторија Милевска