Руско - украински конфликт

Украина во контраофанзивата ослободила три села во југоисточниот дел на земјата

12.06.2023 14:26

Киев јави за повеќе села во Доњецката област, коишто повторно се вратени под украинска контрола. Постојат шпекулации дека Киев сака да го пробие копнениот мост меѓу окупираниот Крим и Доњецк, изолирајќи ги руските трупи на полуостровот. Киев тврди дека русија уништила уште една брана во регионот Запорожје...

Украина се фали со првите резултати од долгонајавуваната контраофанзива. Киев јави за повеќе села во Доњецката област, коишто повторно се вратени под украинска контрола. На фронтот се водат жестоки борби. Главна цел на Киев е да го пробие копнениот мост помеѓу окупираниот Крим и Доњецк, што би значело изолација на руските трупи на полуостровот.

„Операцијата почна во пет часот. Излеговме од оклопните возила и го почнавме нападот. Првин, непријателот пружи отпор и се обиде да не врати со артилеријата, но успеавме да ја преземеме иницијативата во свои раце, и полека, куќа по куќа почнавме да го ослободуваме селото. Четворица Руси се заробени, ликвидирани се 58 нивни членови“.

Москва тврди дека и нанесува големи загуби на украинската војска. Киев јави за уште една уништена брана во регионот Запорожје. Претседателот Зеленски, изјави дека Меѓународниот кривичен суд почнал истрага за уништувањето на брана Нова Каховка во Херсон.

„Претставници од Судот го посетија регионот на Херсон. Јавниот обвинител побара истрага за катастрофата, процесот е почнат. Важно е што со свои очи ги видоа последиците од руските терористички акти“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Откако првиот човек на Вагнер Пригожин го отфрли повикот, руското Министерство за одбрана потпиша договор со чеченските специјалци од единицата „Ахмат“.

„Формирана е единица која е тренирана директно под водство на шефот на Чеченската република, Рамзан Кадиров. Година и три месеци на фронтот, тие испратија илјацниси, десетици илјади волонтери на фронтот. Тие се бореа рамо до рамо со другите единици и ја бранеа нашата татковина од сатанизмот и тероризмот“, изјави Апти Алаудинов, командант на „Ахмат“.

Паралелно со случувањата на украинскиот фронт, НАТО ги организира најголемите воздушни маневри во својата историја на небото над Германија. Три зони на летови се привремено затворени, а има доцнења и на цивилни летови. Вкупно 25 земји учествуваат во маневрите, а САД испратија 100 авиони преку Атлантикот.

Маја С. Филдишев