Образование

МОН бара од ДИЦ да ја лоцира одговорноста за направениот пропуст во спроведувањето на матурата

12.06.2023 15:01

Министерството за образование и наука побарало од Државниот испитен центар да се лоцира одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на државната матура за „направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик“. Од ресорот најавија организациски промени од следната учебна година за да се намалат ризиците од можни нерегуларности…

Министерството за образование лоцира одговорност за пропустот при полагањето на вториот екстерен испит од државната матура. Со соопштение до јавноста информираат дека:

„Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност. По добивањето на информациите од ДИЦ, истите ќе бидат споделени со јавноста.“

Велат дека од Државниот испитен центар побарале од оваа година полагањето да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во сали и холови каде би имало и повеќе набљудувачи.

Групното препишување на државната матура не се случува за првпат, вели доскорешниот претседател на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ. Во гостувањето во „Македонија наутро“ рече дека е потребно да се зголемат ригорозноста и казнувањето за вакви прекршоци, полагањето да се одвива во големи објекти каде што ќе полагаат сите матуранти, без да имаат телефон со нив.

Од Министерството очекуваат промените што ги бараат да се имплементираат во следната учебна година, со тоа што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите.

Катерина Топалова