инфраструктура

Се бара одложување на градежните работи на влезот од Охрид

12.06.2023 15:52

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претставници на ХОТАМ, охридскиот угостителски еснаф, тур-оператори и туристички агенции по денешниот состанок упатија апел до Министерството за транспорт и врски да се одложат градежните работи на автопатот на влезот од градот. Според нив пренасочувањето на сообраќајот по стариот пат Охрид-Струга во шпицот на туристичката сезона е несоодветно и секојдневно ќе предизвикува метеж, што не е во интерес на овој наш туристички центар …

Со затворањето на главната артерија за влез во Охрид не се блокира само патот Подмоље – Охрид туку и булеварите „Железничка“ и „Туристичка“, па поради тоа ќе биде многу тешко да се менаџира сообраќајот кој ќе се одвива по стариот пат помеѓу Охрид и Струга. Ова беше речено на состанокот кој го иницира охридскиот градоначалник со претставници на хотелиерите, угостителскиот еснаф, туристичките оператори и агенциите. Тие упатија барање до Министерството за транспорт и врски работите да се одложат, бидејќи сегашното решение ќе предизвика штети на туризмот.

„До ова барање се дојде имајќи предвид дека не станува збор за последни километри од изградба на автопатска делница, па така градежните активности можат да се насочат на друга точка на веќе постоечкиот автопат што се гради, а од септември или октомври да продолжат на самиот влез на Охрид“, изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

„Одиме од лошо кон полошо, требаше да се направи нешто или порано или покасно. Значи знаеме дека сообраќајот во месец март или април е на помало ниво и дека можеше тогаш да се прават било какви зафати“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

„И овие во Охрид што доаѓаат со чартери ќе треба, два саати доаѓаат, дали од Холандија, од Полска, од Англија. Од аеродром Охрид до хотелите во Охрид или Струга да ги носиме за 2,5 часа“, вели Олег Маленко, сопственик на туристичка агенција.

Од СВР Охрид на состанокот уверуваа дека успешно ќе се справат со новонастанатата ситуација.

„Да не се секирате воопшто, да не се грижите дали патниот правец, стариот дел на патот е безбеден за сообраќај. Стариот дел на патот е реконструиран пред 2-3 години, има соодветна сигнализација поставено и ги исполнува сите услови за одвивање на сообраќај“, истакна Жарко Лазороски, началник на СВР Охрид.

Нашата екипа ја посети месноста Подмоље до каде што денеска се патуваше десеттина минути, што е двојно повеќе отколку по главната сообраќајница.

Токму на овој простор кај Подмоље се преминува од автопатот во изградба на сообраќајницата Охрид-Струга. Како што може да се види и сега во одредени моменти се создава сообраќаен метеж. Прашање е како ќе биде во текот на летната сезона.

 

Сашо Нелоски