Ковачевски: Инвестираме во модерна, развиена патна инфраструктура
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски беше на увид во градежните зафати за рехабилитација на регионалниот пат Демир Капија – Давидово. На настанот присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Костадин Ацевски, како и градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров...

„Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат. Овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори. Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура. Токму тоа е еден од нашите најголеми приоритети во моментов. Владата, како ниедна Влада досега, вложува огромни средства во реализација на капитални инвестиции, кои требало и порано да бидат реализирани, меѓутоа биле само проекти кои биле ставени на хартија и со децении не биле реализирани“, рече премиерот Ковачевски на денешниот настан при увид на регионалниот пат Демир Капија-Давидово.
Премиерот истакна дека како Влада се посветени во остварување на деценискиот сон на претходниците, а тоа е создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура која ќе ја постави Република Северна Македонија на светската економска и инвеститорска мапа.
„Многу пати досега сум кажал дека сум човек кој сака да работи на остварување на целите и навистина е така, бидејќи со овие градежни зафати убеден сум дека ја трасираме европската иднина на нашата земја, која конечно после долги години цврсто верувам дека ќе стане главна крстосница на Балканот и на јужна Европа. Нашата посветеност да ја приближиме државата до вратите на Европската Унија се гледа и е видлива преку бројните проекти кои секојдневно ги посетуваме и вршиме увид во реконструктивните или почетните зафати на делниците“, рече премиерот Ковачевски.
Тој ги спомена досегашните активности кои Владата ги презема за модернизација и подобрување на патната инфраструктура во државата, спомнувајќи ги градежните зафати на автопатската делница Демир Капија-Неготино, која е дел од трансевропскиот Коридор 10, како и реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, а тоа е изградбата на коридорите 8 и 10 – д. Изведбата на овој проект, според премиерот, ќе донесе нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизниси и нови работни места за граѓаните.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека патот Демир Капија – Давидово е од големо значење за жителите на овој регион, особено за земјоделците и лозарите, бидејќи поврзува повеќе населени места и земјоделски површини и со чија рехабилитација се обезбедува подобро поврзување и извршување на нивните секојдневни обврски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми појасни дека станува збор за надградба и поправка на патот Демир Капија – Давидово во должина од 2.550 метри. Вкупната вредност на изведбата е близу 407 илјади евра. Инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувач е Јавното претпријатие „Македонија Пат“.
Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров се заблагодари на Владата и Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитацијата на делницата Демир Капија-Давидово.
