Македонија

Бундестагот ќе гласа за резолуција за поддршка на членството на Македонија во ЕУ

13.06.2023 11:17

Германските пратеници ќе побараат од федералната влада да постигне согласност на ниво на ЕУ дека изгледите за пристапување во Унијата за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“...

Германскиот Бундестаг во четврток ќе гласа за резолуцијата за поддршка на членството на Македонија во Европската унија и потврда на македонскиот јазик и идентитет.

Насловена е „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија“, а ја предложи владејачката парламентарна група.

Германските пратеници ќе побараат од федералната влада да постигне согласност на ниво на ЕУ дека изгледите за пристапување во Унијата за Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

Се бара категорично да биде одбиено секое поместување на границите на земјите од Западен Балкан, како и нивно приклучување во НАТО, засилена борба против корупцијата, продолжување на „Берлинскиот процес“ за регионална соработка и реформи во рамките на ЕУ, за да се обезбеди нејзиниот иден капацитет за прием на нови членки.