Предупредувачки протест на судската администрација
Со предупредувачки протест денес во 13 часот пред Основниот кривичен суд во Скопје, судската администрација ќе бара зголемување на платите. Велат, судските службеници земаат три пати помали плати од судиите, најниската е на ниво на минималната плата, а просечната е под просекот во земјава. Судската администрација брои околу 2.300 вработени во државата…

Судската администрација денес со предупредувачки протест пред Основниот кривичен суд Скопје, повторно ќе бара зголемување на платите. Се жалат, со последното зголемување на платите на судиите, уште повеќе се продлабочи јазот. Административците земаат три пати помали плати од судиите, најниската е на ниво на минималната плата, а просечната е под просекот во земјава.
Велат, службениците се револтирани, не е точно дека добиле 15% зголемување на месечните примања, туку додатоците им се прелеаја во плати.
„Револтот е многу голем исто така мислам дека тоа денес ќе се покаже на овој предупредувачки протест револтот е голем во судската служба меѓутоа ние мораме да бидеме внимателни бидејќи пред само неколку години во 2016 кога имавме штрајк на сите кои учествуваа во тој штрајк им беа задржани 40% од платите“, вели Борче Мирчески, претседател на Здружението Судска администрација.
Судскиот буџетски совет првично ветил поддршка за барањето за зголемување на платите на судската служба, односно додатоци на плати не помали од 25%, но подоцна се иззеле со образложение дека нема пари.
„Ова наше барање беше поставено на дневен ред на Судскиот буџетски совет на 7 јуни при што бил донесен заклучок дека нема средства во буџетот и дека ова барање нам не може да ни биде прифатено. Немањето на средства било дефинирано како резултат после исплатата на зголемените плати на судиите, сега нема средства да се зголемат платите на судските административци“, додава Мирчески.
Судската администрација бара да има и свои претставници во Судскиот буџетски совет. Велат нема да се откажат од барањето за достојна плата, за понатамошните чекори ќе информираат утре после средбата со УПОЗ (Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани).
Соња Рилковска
