Европска унија

Новата политика за прием на мигранти и натаму предизвикува раздор меѓу земјите-членки на ЕУ

13.06.2023 11:58

Продолжуваат препирките меѓу некои европски земји поради новите правила за миграција и азил. Според новиот договор, предвидена е соработка врз основа на солидарност и одговорност. Полска и Унгарија не се согласуваат со правилата кои ги нарекоа апсурдни. Во заедничката европска каса ќе мора да стават по 20 илјади евра за секое неприфатено лице...

„Прием на мигранти или парична казна за секое одбиено лице“, новата политика и натаму предизвикува раздор меѓу дел од земјите-членки на Унијата. Франција и Германија остануваат на ставот – солидарноста и одговорноста се клучни, бидејќи мигрантското прашање не се решава поединечно.

Спогодбата, која пред неколку дена по маратонски разговори беше усвоена во Луксембург, од старт е неприфатлива за Полска, која заедно со Унгарија, смета дека системот на квотите од 2015-та година се покажал како неуспешен, дека зеле преголем товар, но и дека блокот спроведува двојни стандарди. Варшава потсети дека вдомила милиони Украинци за кои барала фондови од ЕУ, но изрази скептицизам во однос на карваните од другите правци.

Целта на новиот пакт, кој Шведска го нарече „историски“, е да се намали притисокот врз земјите на првата линија на фронтот, особено Италија и Грција, кои се меѓу главните влезни точки на европскиот континент за мигрантите кои патуваат преку Средоземно Море.

„Договорот од минатата недела е добар, конкретно зашто овозможува поставување на правила за регистрација, соработка и управување на пропорционален начин без да се стигматизира никој. Важно е што можеме да одиме напред и да стигнеме до Парламентот. Овој договор што го постигнаа министрите, не треба да е карикатура или да се користи за вперување на прстот кон некого“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

„Ги прифативме оние на кои им беше потребна помош. Луѓето ги примија во своите домови. Милиони луѓе најдоа дом во Полска, во зима. Помагавме. Искрено, не добивме никаква специјална помош, особено од институциите на Европската унија. Се надевам дека ниедна институција на ЕУ, нема да ја прифати идејата да нè казни зашто сме скептични за прифаќање на бегалците од другите правци. Ја извршуваме европската и хуманитарната должност. Ќе продолжиме така, но врз основа на разумни принципи. Ако некој не казни, ќе се спротивставиме, и тоа многу силно“, изјави полскиот претседател, Анджеј Дуда.

„Ако сакате да дејствуваме заедно, мора да имаме заеднички систем. Ако сакаме регистрација на сите бегалци за да можат да минат низ процедура каде што ќе стигнат прво, другите земји во Европа мора да покажат солидарност“, порача германскиот канцелар Олаф Шолц.

Новата политика за миграција и азил се чекаше од 2015-та година, а преговорите за предлог-законот траеја скоро четири години. Механизмот на задолжителна солидарност се очекува да им даде поддршка за земјите кои се најизложени на притисокот, но и да ја намали секундарната миграција на долг рок. Системот, меѓу другото, го менува начинот на обработка на барањата за азил на надворешните граници и распределбата на азилантите.

За ова прашање ќе се дискутира и на самитот на лидери на крајот на јуни. Конечниот текст треба да биде утврден до крајот на годината во преговори со Европскиот парламент.

 

Маја С. Филдишев