Руско - украински конфликт

Загинати и повредени во ракетен напад на станбена зграда во Криви Рог

13.06.2023 13:09

Руските сили погодија петкатница, има загинати и повредени. Најмалку седуммина луѓе се заглавени под урнатините. Напади се регистрирани и во Киев и Харков. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за експлозијата на браната Каховка, што доведе до хуманитарна криза во Херсонската област...

Загинати и повредени во ракетен напад на станбена зграда во Криви Рог. Руските сили погодија петкатница. Најмалку седуммина луѓе се заглавени под урнатините. Претседателот Зеленски, кој е роден во Криви Рог, го осуди нападот.

„Кога излеговме од под урнатините, првото нешто што го видов беа луѓе кои излегоа голи и со голи деца од соседните куќи, каде имаше и уништување. Луѓето носеа влечки, бањарки, вода, ќебиња за децата. Прашувајќи: „како можеме да ви помогнеме? Дојдете кај нас“. Такви луѓе имаме овде“, вели локална жителка.

„Се случи трагедија во градот. Паднаа неколку ракети, уништувајќи ги и индустриските капацитети, некои објекти и домови“, вели друг жител.

Напади се регистрирани и во Киев и Харков. Руски гувернер тврди дека украинските сили гранатирале две села во Курската област. Киев, пак, тврди дека е остварен дополнителен напредок во контраофанзивата и дека досега биле ослободени седум населби. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за експлозијата на браната Каховка, што доведе до катастрофални поплави и хуманитарна криза во Херсонската област.

Меѓународната агенција за атомска енергија рече дека и е потребен поширок пристап околу нуклеарната централа Запорожје за да ги провери „значајните несовпаѓања“ во податоците за нивото на водата на пробиената брана Каховка што се користеше за ладење на реакторот.

Шефот на агенцијата, Гроси, ќе ја посети фабриката оваа недела.

Уништувањето на хидроелектричната брана Каховка во јужна Украина, минатата недела ги поплави градовите низводно и принуди илјадници луѓе да ги напуштат своите домови.

„Досега е ослободена територија од 90 квадратни километри“, соопштија од украинското Министерство за одбрана.

Марина Ристова