Тренчевска: Социјалниот дијалог е моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања
Во своето обраќање министерката Тренчевска претстави дел од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. И во таа насока таа го посочи приближувањето на ставовите и разбирањето помеѓу претставниците на работниците и работодавачите...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се обрати на 111-та сесија на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, Швајцарија, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот, чијашто членка е и Република Северна Македонија.
Во своето обраќање министерката Тренчевска претстави дел од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија. И во таа насока таа го посочи приближувањето на ставовите и разбирањето помеѓу претставниците на работниците и работодавачите како една од целите на социјалниот дијалог на кои Владата на Република Северна Македонија им посветува посебно внимание.
„Неговата главна цел е, преку активно учество на главните чинители во светот на работата - работодавачите, работниците и нивните претставници, да го подобри квалитетот на одлуките и политиките на една земја“, истакна Тренчевска .
Таа потенцираше дека, телата и процесите за социјален дијалог се моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања, за справување со кризи, за поттикнување на добро владеење и социјална правда, за намалување на нееднаквоста, закрепнување на економијата и за промовирање на економски раст.
„Социјалниот дијалог води кон меѓусебно разбирање помеѓу општествените групи кои застапуваат различни интереси, со цел да се постигне решение за проблемите од взаемен интерес“, посочи Тренчевска.
Таа ја истакна важноста на вклученоста на сите релевантни чинители во општеството.
Министерката Тренчевска ја предводи македонската делегација на Меѓународната конференција на трудот во Женева. Како дел од делегацијата секоја година учествуваат и претставници на министерството, репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачи.
