Со соработка против насилен екстремизам и тероризам
Досега не се евидентирани Македонци да учествуваат во руско-украинската војна. Отворањето на темите за евентуален екстремизам и сите видови на радикално однесување даваат резултати, но уште треба да се работи на системот и надминување на поделбите, пред сè политички и етнички. Неопходна е соработка на институциите на централно и локално ниво, е заклучокот од работилницата која се одржува во Куманово во рамки на Мрежата на силни градови.

Со заемна соработка на институциите на централно и локално ниво, ќе се заштити општеството од евентуален екстремизам и сите видови на радикално однесување. Неопходно е да се сврти вниманието на проблемот кој ја тангира светската заедница. Отворено да се дискутира и да се надминат поделбите, е мислењето на вклучените во дводневната работилница која се одржува во Куманово во рамки на регионалниот хаб на Западен Балкан, „Мрежа на силни градови“. Според податоците досега не се евидентирани наши државјани кои учествуваат во руско-украинската војна.
„Ако не ги јакнеме превентивните механизми ние нема да бидеме општество отпорно на ваквите појави туку плодна почва каде ќе се повторуваат настаните на кои добро се сеќаваме од периодот на 2015 година овде во Куманово“, истакна Златко Апостолоски, национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
Градоначалниците од мултиетничките општини истакнаа дека мора да се зајакнат капацитетите за надминување на ваквите проблеми. Но и да се ресетира системот кој функционирал во поранешната држава.
„Последниот случај во соседна Србија само потврдува дека сме уште далеку од целосна превенција од вакви несакани последици во општеството. Евидентно е дека постои булинг во училиштата ќе мора истиот да се превенира а за сето тоа е потребно многу повисоко ниво на интероперабилност и заемна соработка“, нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
„Основниот и главниот проблем е системот. Во Македонија имаме дезинтегриран систем на функционирање на државата. Имате локална власт и централна кои ако се од различни партии, имаат целосна декоординација“, посочи градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.
Во Куманово по настаните од Диво Насеље во 2015-та е формиран локален тим на заедниците, кој работи на спречување на екстремизмот и тероризмот.
Елена Георгиевска
