Владата ќе ја отстапи и премиерската позиција за да се прифатат уставните измени
Не е прашање дали ќе има уставни измени и какви ќе бидат, туку кога ќе се случат, брифираат од Владата објаснувајќи ги позициите по лидерската средба. Оттаму се децидни дека и за власта и за опозицијата не е спорно усвојувањето на измените, но ќе продолжи дијалогот до финализирање на процесот. Од Владата велат дека се подготвени да ја отстапат и премиерската позиција…
Не е прашање дали ќе има уставни измени и какви ќе бидат, туку кога ќе се случат, брифираат од Владата објаснувајќи ги позициите по лидерската средба. Оттаму се децидни дека и за власта и за опозицијата не е спорно усвојувањето на измените. Во СДСМ веќе е формирана работна група која се обидела да искомуницира со ВМРО-ДПМНЕ, но засега без успех. Од Владата велат оти постои подготвеност да се отстапи и премиерската позиција на опонентите, но тоа ќе значи Мицкоски да ги прифати Предлог-уставните измени.
„Менување на преговарачка рамка не се прави на лидерска средба, а барањето уставните измени да важат за пет или шест години е барање за да се излезе од процесот. Останува понудата СДСМ да отстапи пет министерски места. ДУИ прифати да излезе од Владата, а Алијанса за Албанците и Беса рекоа дека нема да учествуваат во таква Влада што значи дека на ВМРО-ДПМНЕ им остануваат повеќе места“-велат од Владата на брифинг со новинарите.
И партијата на Ахмети ги објасни ставот. Велат оти ќе се повлечат од сите позиции, вклучително и од тие што би ги добиле со техничка Влада, доколку ВМРО-ДПМНЕ ги прифати уставните измени и тие да важат со одржување на втората меѓувладина конференција. Сепак овој потег ДУИ го условува со отпочнување на истрага од меѓународни експерти кои ќе ги чешлаат политичките партии и нивните раководства за да нема во иднина обвинувања за криминал.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат оти не им е целта да дојдат на власт во некаква широка влада, туку да се изгради пакт за единство со кој ќе се заштитат националните интереси.
Уставните амандмани сè уште не се разгледани од Владата. Се очекува до крајот на месецот да бидат испратени во Собранието и да почне процедурата.
Анита Димитријевска Велковска
