Словенечката поддршка останува, потребен е чекор напред во европската интеграција
Словенечката претседателка Пирц- Мусар во Скопје. Со ставот дека и Словенија го промени Уставот, убедува во земјава да се покаже политичка мудрост за чекори напред во европската интеграција. Барањата на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени се надвор од реалноста, вели претседателот Пендаровски …

Словенија останува силен поддржувач на евроинтеграцијата на Македонија, но треба да се оди пет-шест чекори напред и да се сфати што е добро за државата и македонскиот народ. Посакувам да имате доволно политичка мудрост и да го промените Уставот, порача словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар при првата посета по преземањето на функцијата.
Вели, лично е поврзана со евроинтеграцијата оти била советник во Македонија за приближување кон европското законодавство. Откри дека и Словенија морала да го смени Уставот за влез во ЕУ.
Токму поради блокадите, заради едногласната одлука во Унијата, Словенија е една од седумте земји-членки која поведе иницијатива за промена на носењето одлуки за надворешната и безбедносната политика, што ќе важи и за проширувањето, појасни шефицата на словенечката држава при посетата во Скопје.
Претседателот Пендаровски смета дека има промена во ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните промени и дека и тој поддржува тие да бидат со одложено дејство, што не е реално, оти преговарачката рамка не го дозволува тоа.
Словенечката претседателка и во обраќањето во Собранието побара од пратениците да продолжи евроинтеграцијата за да пред сè се спречи масовното иселување на младите од земјата.
Претседателите на Македонија и Словенија заклучиле дека двете држави имаат одлични билатерални односи без отворени прашања, но се заложиле економската соработка да биде поголема.
Ирина Гелевска
