Образование

Шаќири: Создаваме услови за младите да го реализираат својот потенцијал во родната земја

13.06.2023 18:30

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири оствари средба со младиот интелектуалец од Охрид кој по стекнувањето на основното академско знаење во својата земја, продолжува да се надградува во Германија, каде подоцна и се вработува на познатата високообразовна установа од областа на техничките науки...

Воодушевен сум од идејата на д-р Митко Велески кој во моментов работи како научен соработник на Техничкиот универзитет во Котбус, С.Р. Германија, да се врати во државава и да се вклучи во наставно – научниот процес на некој од нашите универзитети. Тој е исклучителен интелектуалец, со објавени 15-тина научни трудови во прилично атрактивни подрачја како дизајн на дигитални системи, чипови и хардвер за вештачка интелигенција.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со младиот интелектуалец од Охрид кој по стекнувањето на основното академско знаење во својата земја, продолжува да се надградува во Германија, каде подоцна и се вработува на познатата високообразовна установа од областа на техничките науки.

„Со него денес имав одлична дискусија. Ми се допаднаа неговите сугестии за подобрување на одредени сегменти на високообразовниот систем во Северна Македонија кои се поттикнати од германското искуство, како и идеите за воспоставување на соработка помеѓу високообразовните установи во двете земји“, рече Шаќири.

Тој додаде дека на државата и се потребни млади интелектуалци како д-р Велевски и како што рече, правиме сè за да создадеме добри услови за целосно реализирање на нивниот личен потенцијал на овие простори.

„Дома сте добредојдени секогаш“, порача министерот.