Македонија

Бугарија испрати свој човек во Струга кој ќе провери што точно се случило со претседателот на бугарското здружение „Шемето“

14.06.2023 09:37

Бугарското Министерство за надворешни работи добило информација за извршен физички напад врз копретседателот на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга. Според првичните податоци, на Бекир Кадриески му била укажана лекарска помош и бил примен во локална струшка болница...

Бугарското Министерство за надворешни работи добило информација за извршен физички напад врз копретседателот на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга. Според првичните податоци, на Бекир Кадриески му била укажана лекарска помош и бил примен во локална струшка болница.

Од тамошното МНР порачаа дека вработен во Генералниот конзулат во Битола бил испратен и сега се наоѓа во Струга, за да утврди дали нападот е поради „омраза кон лицата со бугарска самосвест“.

- Во моментов се расчистуваат фактите околу случајот, велат од бугарската дипломатија, објавија тамошните медиуми.

Министерството за внатрешни работи на Македонија синоќа официјално ја потврди информацијата дека еден од основачите на бугарскиот клуб бил претепан од маж од струшко село, но дека се работи за „нарушување на јавниот ред и мир“. МВР засега не верува дека се работи за етнички мотивиран напад.

Од клубот пак велат дека Кадриески бил мета и нападнат одзади поради неговата етничка припадност и самоопределување и дека има повреди во пределот на стомакот и градниот кош.