КОСОВО – СРБИЈА

ЕУ и САД со критики за приштинската влада

14.06.2023 10:06

Суспендирање на испраќањето покани за настани на високо ниво и билатерални посети на Косово, освен оние чија цел е решавање на кризата за северот на земјата, и прекин на значителна финансиска помош – се дел од предложените санкции од ЕУ за косовската владата и премиерот Курти...

Суспендирање на испраќањето покани за настани на високо ниво и билатерални посети на Косово, освен оние чија цел е решавање на кризата за северот на земјата, и прекин на значителна финансиска помош – се дел од предложените санкции од ЕУ за косовската владата и премиерот Курти.

Портпаролот на Унијата, Петер Стано, потврди дека кабинетот на Борел споделил со земјите-членки на ЕУ нацрт-мерки што треба да се имплементираат, доколку Приштина не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата. Брисел на почетокот на месецов побара од косовските власти, новоизбраните градоначалници на четирите општини на северот привремено да ги извршуваат своите должности во други простории, надвор од општинските згради, како и што поскоро распишување на нови локални избори.

Курти до Брисел, со нов предлог за намалување на тензиите на северот на Косово. Планот од пет точки вклучува идентификување, гонење и судење на сите членови на криминални групи кои ги нападнаа полицајците, силите на НАТО и новинарите за време на протестите на северот на Косово, повлекување на насилните групи од територијата на Косово и забраната за криминални дејствија против институциите.

Според американскиот сенатор, Крис Марфи, одлуките на косовскиот премиер ги ставиле американските и другите војници на НАТО во непотребна опасност. Изразил незадоволство поради тоа што Косово и Србија уназадиле на патот кон нормализирање на односите.