Прва европска предизборна дебата: Идниот претседател на Европската комисија е во салата
16.05.2014 11:33
Во центарот на дебатата се најде политиката на штедење...

Петте кандидати на водечките европски политички партии се соочија вчеравечер во првата телевизиска дебата пренесена директно во сите земји членки на Европската Унија.
Во центарот на дебатата се најде политиката на штедење. Кандидатот на Народните партии, Жан-Клод Јункер, социјал-демократот од Германија Мартин Шулц, белгискиот либерал Ги Верховстад, германската еколгистка Ска Келер и претставникот на радикалната левица Алексис Ципрас се соочија во салата на Европскиот парламент во Брисел.
„Грција е земја која европските раководители ја избраа како заморче за најтешкото штедење“, наведе Алексис Ципрас, испратен со аплаузи. Тој се покажа најофанзивен, директно напаѓајќи ги другите кандидати, и обвини за „катастрофалната политика на штедење“, барајќи да се „излезе од паранојата наспроти долговите“, како и промена на ориентациите и поголема солидарност.
Природно, репиликата на Жан-Клод Јункер, кој беше претседател на Евро-групата за време на почетокот на кризата со Грција, дојде веднаш.
„Прифаќам многу забелешки, но никогаш нема да прифатам да се рече дека ние не бевме доволно солидарни со Грција“, одговори кандидатот на Народните парти.
„Со години, деноноќно работев, за да избегнам Грција да ја напушти евро зоната“, додаде Јункер, оценувајќи дека е потребно да се продолжи со заздравување на јавните финансии.
Кандидатот на европските либерали, Верховстад ја бранеше „буџетската дисциплина“, тврдејќи дека проблемите на Грција се должат на „лошата политика“ обвинувајќи ги грчките државни банки за финансирање на политичките партии.
За младата и енергична кандидатка на Зелените Ска Келер, штедењето може само уште повеќе да ја влоши ситуацијата. Таа се заложи исто како и Мартин Шулц за поодлучна борба против затајувањето на данокот.
Во моментот кога германската канцеларка се уште не прифаќа целосно идниот претседател на Комисијата да биде назначен според резултатите од гласањето на европските избори, Шулц кој се покажа многу повлечен за време на дебатата, потврди дека „идниот претседател на Комисија се наоѓа во салата“.
Ако тие (шефовите на држави и влади) се осмелат да назначат некој друг, тој или таа нема да добијат мнозинство во Европскиот парламент, остро предупреди досегашниот претседател на Европскиот парламент. Канидатите меѓу другото се задржаа и на кризата во Украина, имиграцијата, борбата против корупцијата и лобирањето.
