Македонија

Уште еден физички напад повторно ги разбранува македонско-бугарските односи

14.06.2023 12:08

Вчера во Струга, физички нападнат копретседателот на Здружението на бугарите во Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески, од Лабуништа, од жител на Велешта. Од Софија веднаш квалификации за етничка позадина. Полицијата разговарала со сторителот за мотивот. Македонското МНР апелира на воздржаност од предвремени квалификации, до расчистување на случајот...

Бекир Кадриески од Лабуништа, копретседателот на здружението на бугарите „Шемето“, вчера бил нападнат во Струга. Според МВР се работи за нарушување на јавниот ред и мир. Потврдија дека Кадриески бил нападнат во близина на спортската сала „Боро Хаџиески“ во Струга од страна на лице од струшкото село Велешта. Полицијата извршила службен разговор со напаѓачот, а известен е и јавен обвинител.

„Во однос на овој настан, важно е дека брзо и ефикасно се делуваше. Приведен е напаѓачот. Земени се изјави. Пријавата и земањето на изјавата од оштетениот беше во медицинскиот центар. Таму беа полициските службеници. Известен е и јавниот обвинител и по прибирање на сите материјални докази, ќе бидат поднесени пријавите. Така што, овој случај е расчистен“, изјави Спасовски.

МНР го потврди нападот врз Кадриески којшто е македонски државјанин, но апелира за воздржаност од предвремени квалификации сè до целосно расветлување на случајот.

„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучувајќи и напорите за негување на уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу кои и за бугарската заедница. Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчисти околностите на настанот и соодветно да ги процесираат, согласно законската регулатива“, соопштуваат од МНР.

Нападниот за бугарските медиуми изјавил дека бил соборен на земја, удиран со клоци и навредуван на етничка основа. Кадриески бил хоспитализиран во локалната болница. Тој е македонски државјанин и не поседува бугарски пасош, но како што вели, имал бугарски идентитет.

„Јас го прашав дали имало провокација за нападот, но тој ми кажа дека никогаш не се сретнал со луѓето што го нападнале. Ги познава напаѓачите и претходно немал недоразбирања со нив. Рече дека биле намерно испратени“, изјави Живко Чакрачиев, претседател на Здружението на бугарите „Шемето“.

Бугарското МНР веднаш испратило вработен од генералниот конзулат во Битола за да провери дали инцидентот има етничка заднина. Со осуда за настанот се огласи и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, од каде оценија дека станува збор за непровоцирано насилство.

Ирина Гелевска